1 Chronicles 15
1 Тогаш си изгради тој палата во Давидовиот град, подготви место за ковчегот Божји и направи скинија за него.
2 И рече Давид: „Никој не смее да го носи ковчегот Божји, освен левитите, бидејќи нив ги избра Господ, за да го носат ковчегот Господов и да Му служат засекогаш.“
3 И ги собра Давид сите Израелци во Ерусалим, за да го внесат ковчегот Господов на местото негово, што го беше поставил за него.
4 Па ги свика Давид синовите Аронови и левитите:
5 од синовите Каатови, началникот Уриил и браќата негови — сто и дваесет души;
6 од синовите Мерариеви, началникот Асаја и браќата негови — двесте и дваесет души;
7 од синовите Гершомови, началникот Јоил и браќата негови — сто и триесет души;
8 од синовите Елицафанови, началникот Шемаја и браќата негови — двесте;
9 од синовите Хевронови, началникот Елиил и браќата негови — осумдесет;
10 од синовите Узиилови, началникот Аминадав и браќата негови — сто и дванаесет.
11 И ги повика Давид свештениците: Садок и Авијатар, и левитите: Уриил, Асаја, Јоил, Шемаја, Елиил и Аминадав,
12 и им рече: „Вие, началници на левитските родови, осветете се, вие и браќата ваши, и однесете го ковчегот на Господ, Бог Израелов, на местото, што сум му го подготвил;
13 и поради тоа што порано не го вршевте вие тоа, Господ, Бог наш, нѐ раздели, затоа што не Го баравме, како што требаше.“
14 И се осветија свештениците и левитите, за да го носат ковчегот на Господ, Бог Израелов.
15 И синовите левитски го понесоа ковчегот Божји, како што беше заповедал Мојсеј според словото Господово, на раменици, со лостови.
16 Тогаш Давид им заповеда на левитските началници да ги постават браќата свои певци со свирки — харфи, лири и кимвали, да разгласат со висок радосен глас.
17 Левитите го поставија Јоиловиот син Еман, и од браќата негови — Варахиевиот син Асаф, а од синовите Мерариеви, нивни браќа — Кушаиевиот син Етан;
18 и со нив браќата нивни, од втор ред: Захарија, Јаазиел, Шемирамот, Јехиил, Униј, Елијав, Ванеја, Маасејаху, Матитија, Елифлеху, Микнеја, Аведар и Јеиел — вратари.
19 Еман, Асаф и Етан удираа силно на бакарни кимвали,
20 а Захарија, Азиел, Шемирамот, Јехиил, Униј, Елијав, Маасејаху и Ванеја — на харфи, според Аламот.
21 А Матитија, Елифлеху, Микнеја, Аведар, Јеиел и Азазија — на лири, според Шеминит.
22 Кенанија, пак, началник левитски, беше учител по пеење, зашто беше вешт во пеењето.
23 Варахија и Елкана беа вратари кај ковчегот.
24 Шеванија, Јосафат, Натанаил, Амасај, Захарија, Ванеја и Елиезер, свештеници, трубеа со труби пред ковчегот Божји. Аведар и Јехија беа вратари кај ковчегот.
25 И така Давид и старешините израелски и илјадниците отидоа да го пренесат ковчегот на заветот Господов од домот на Аведар со веселба.
26 И кога Бог им помогна на левитите, што го носеа ковчегот на заветот Господов, заклаа како жртва седум телиња и седум овни.
27 Давид беше огрнат со наметка од тенко платно, а исто така и сите левити, и пејачите што го носеа ковчегот, како и Кенанија, кој раководеше со свирачите и со пејачите. Давид носеше и ленен ефод.
28 И така сиот Израел го внесуваше ковчегот на заветот со извици, при звуци од рог, труби и кимвали, свирејќи на харфи и лири.
29 Кога ковчегот на заветот Господов влегуваше во Давидовиот град, Михала, Сауловата ќерка, гледаше од прозорецот и, откако го виде царот Давид како игра и се весели, го презре во срцето свое.